Општи Предуслови | Еколошки принципи | Можности за економски развој | Нацрт визија до 2002
 

..:. РАЗВОЈ НА ОПШТИНАТА

 
   
Општи Предуслови
 
     
   

1. Добри почетни економски предуслови
2. Еколошки прифатливи програми
3. Поволен политички и хуман амбиент
4. Работен потенцијал ( школувани млади луѓе )
5. Поддршка на општинската, регионалната и државната власт (кредитирање и помош од меѓународни фондации )

 

Секоја урбана средина мала или голема има тенденции да се развива на економски и социјален план . За успешност на развојните планови влијаат повеќе општи предуслови. Тие се повеќе или помалку присутни во секоја средина.

За да се развива Општина Зрновци мора да има почетни економски предиспозиции, да има добра материјална состојба или да располага со суровини. Кога станува збор за развој, нормално е да се доминантни материјалните претпоставки. Но, одржливиот развој подразбира развој без нанесување штета на природата. Значи, за одржливиот развој се важни развојни програми со еколошки прифатливи услови. Тие услови треба да бидат зацртани уште на почетокот како обврска на планерите, бизнисмените и власта. Развојот без еколошки прифатлива програма води кон нарушување на природниот амбиент и ќе наштети на иднината на Зрновци.

За планирање на развојот на Зрновци е важно да се создаде поволен политички и хуман амбиент. Тоа значи дека политичките партии треба да се согласат со понудената програма, да ја дополнуваат и да се создаде континуитет и тогаш кога власта се менува, реализацијата на програмата да продолжи. Истото важи и за другите НВО или еснафски друштва коишто мораат да учествуваат во креирањето на програмата за развој, како и во нејзината реализација.

Зрновци има млада и школувана работна рака. Голем дел од младите работат на своите имоти, но сакаат побрз развој на селото. Фактот дека постојат школувани млади луѓе значи дека е исполнет важен предуслов за развојот на Зрновци. Младите се амбициозни и се поблиску до стремежите за одржлив развој, бидејќи веќе стекнале еколошко образование. Постоењето на млад образуван кадар значи постоење на движечка сила во реализацијата на програмата.

Важен предуслов е програмата за одржлив развој да добие поддршка од општинската, регионалната и државната власт. Тоа може да се одрази во подобрувањето на комуналната инфраструктура низ програмите на власта, но истовремено и преку поддршка на програмите за развој на Зрновци пред меѓународните фондации. Без соработката со власта и нејзината поддршка не е можно да се добијат средства за донирање и кредитирање на развојот.


   

   
Еколошки принципи
 
     
   
Одржливиот развој на Зрновци претпоставува најпрво решавање на еколошките проблеми во целата општина. Во студијата "Стоп за дивите депонии" се наведени проблемите со цврстиот отпад и отпадните води. Во студијата се дадени предлози како Зрновци со околината може да биде еколошко село. Тоа подразбира дека Зрновци мора да биде чисто, Зрновка да биде исчистена и да бидат решени еколошките проблеми. Се разбира, чистотата на селото не е доволен и единствен услов за започнување на одржливиот развој на селото. Но, многу е важно да се создадат еколошки критериуми во селото. Многу е важно жителите да ги почувствуваат благодетите од чиста животна средина.

За тоа треба да бидат “наградени” со средства од државата или од еколошки фондации. Тоа значи дека чистата животна средина е важна претпоставка да се добијат средства за понатамошни проекти. Средствата не можат да се добијат ако Зрновци не е чисто и не постои напор за заштита на околината, природата и животната средина.

Зрновци има големи шанси да ја унапреди својата животна средина. Со создавањето на поволна еколошка атмосфера тоа ќе може да го планира својот економски развој врз основа на еколошките принципи на одржливост. Затоа мора да се вложи напор да се создадат овие предуслови заедно со локалната власт и локалното население.

Примери за примена на принципот на одржливост во Зрновци

Заради разјаснување на принципот на одржливост ќе дадеме неколку примери во кои се применува овој принцип во с. Зрновци. Со оглед на тоа што одржливоста подразбира можност за долготрајно искористување на обновливите и необновливите суровини, конкретната примена на овој принцип се среќава во односот на жителите кон нивното богатство.

Користењето на водата од реката Зрновка за производство на електрична енергија е многу добар пример. По пат на користење на обновливата енергија се добива електрична струја, која е значајна за овој регион. Оваа централа е многу корисна за жителите, па затоа треба да се чува реката Зрновка, која и дава живот на централата. Реката мора да го има биолошкиот минимум за водата да го зачува својот екосистем.

Друг пример за одржливост е користењето на органскиот отпад (отпадоци од растенијата и од земјоделските производи) како органско ѓубре (компост). Земјоделците знаат дека, ако се покрие со земја и се остави да изгние, органскиот отпад е корисно ѓубре за следната сезона. Во последно време компостот се повеќе се користи во комбинација со стајското ѓубре. Со тоа се штити животната средина и се намалува количеството отпад.

Други два начина се дадени како можности за искористување на отпадната арпа и отпадните води. При согорувањето на арпата може да се добие топла вода, која би се користела за загревање на стопанските простории на земјоделската задруга или пак нејзините топли леи. Сега арпата гори неконтролирано и топлината е неискористена. Принципот на одржлив развој бара искористување на биомасата, а селото Зрновци тоа го има.
Друга можност е користење на прочистени отпадни води. Сега тие одат непрочистени во реката Зрновка и ја загадуваат. Така загадените води се користат за наводнување, што е еколошки неприфатливо. Ако се изгради прочистителна станица, , тогаш водите што ќе се прочистат ќе можат да се користат за наводнување на земјоделските површини.

Овие примери покажуваат дека одржливиот развој е нешто конкретно и применливо. Тоа бара рационално користење на суровините и енергијата и развој без нарушување на животната средина и природата.

Зрновци ги има сите претпоставки да го применува овој принцип, кој може да стане дел од перспективниот развој на околината.


   

   
Можности за економски развој
 
     
   
Зрновци, како и селата Мородвис и Видовиште, имаат основни претпоставки за економски раст. Тие располагаат со значајно агро-производство, имаат мали производствени претпријатија и основна комунална инфраструктура. Зрновци има неколку производствени претпријатија со поголем капацитет, има хидроцентрала во непосредна близина, водовод и канализација за најголем дел од жителите. Тоа има значителна предност во идниот развој и би бил добар пример и за други наши села коишто се напредни и ги користат предностите на урбаните средини, но ја зачувале својата функција и идентитет.

Постојните претпријатија во Зрновци - „Руен”, „Зрновка”, ЗЗ „Југотутун” од Видовиште; конфекциите “Елмитекс” (Зрновци) и “Мотекс” (Мородвис) и малите трговски претпријатија се скромна база која може да го поттикне развојот. Во сегашни прилики тие се соочуваат со многу потешкотии, како и сите фирми во Македонија. Тие имаат премногу мала акумулација за да можат посилно да влијаат на развојот, но сепак се добар пример дека е можно да функционираат производствени претпријатија и во мали селски средини. Ако се подобрат економските прилики, тие ќе се прошируваат и со тоа ќе ја подобруваат економската положба на општината. Ако тие економски се стабилизираат и ако ја подобрат својата акумулација, треба да се поттикнат да инвестираат во општината. Општината мора да им возврати со определени бенефиции за овие фирми да се приврзат кон општината.

Развој на комуналната инфраструктура

Многу важен предуслов за економски општествен раст е подобрување на комуналната инфраструктура. Во сите тие села се чувствува потребата од подобра патна мрежа (подобри патишта) посебно нивните меѓусебни врски, потоа подобрување на патот Штип - Зрновци - Виница, уредување на автобуските станици и паркинзите. Жителите комуницираат и со велосипеди и мали мотори, па затоа се неопходни велосипедски патеки. Во самите села треба да се подобри патната мрежа и да се обезбеди подобра патна инфраструктура (канализациони пропусти и канали, одводи на вода итн.).

Освен патната мрежа, важно е да се работи на подобра електрична мрежа, која мора да се засили; да се подобри ПТТ мрежата и да се зголеми бројот на телефонските броеви. Треба да се работи на подобрување на водоводната и канализационата мрежа. Во тој контекст треба да се планира простор за прочистителна станица, која мора да се планира, иако за неа тешко можат да се обезбедат средства од домашниот буџет.

Комуналната инфраструктура е почетен услов за отворање нови фирми. Без патишта, електрична струја, ПТТ, вода и канализација, тие не можат да најдат соодветен простор за работа. Затоа во општината треба да се мисли на создавањето и развојот на инфраструктурни погодности за новите фирми. На тој начин општината Зрновци ќе има предност над другите општини.

Развој на мали производствени претпријатија

Во општината Зрновци има предуслови за развој во повеќе сектори. Основа за тоа се сегашните стопански претпријатија, како добрата суровинска база од агро-производството: ориз, градинарски култури, сточарството. Сепак, можностите не се искористени и малку се иницијативи за нови производствени претпријатија.

Можностите треба да се бараат во мали семејни фирми или во поголемо производство на земјоделски производи. Тие мора да го окрупнуваат своето производство и потоа да почнат со здружување да го финализираат како полуфабрикати за здрава храна. Параметрите што се еколошки поволни мора да дадат добра цена и пазари на производите да одат од овој крај.

Зголемувањето на производството во сите агро-сектори е најдобриот пат кон создавање предуслови за понатамошниот развој. Тој може да биде во финализација на кој било производ: ориз, праз, пиперка, овошје, млеко, волна, мед итн. Секој агро-производ може да се доведе до повисок квалитет ако се произведува во големи количини со добар квалитет.

Во Зрновци може да се подобри производството на млеко и да се започне со производство на разни видови сирење, мед, да се суши овошје, да се амбалажира праз и пиперка итн. Овие мали семејни бизниси бараат мали вложувања, но добар квалитет на работење и знаења и здружување на работната рака.

Можности за малите производствени претпријатија се гледаат во производството на разни метални фабрикати или нивна преработка; потоа производи од дрвени полуфабрикати или градежен материјал. Можностите се гледаат во занаетчиските производи што можат да се на повисок квалитет. Тука спаѓаат и семејното производство, од подготовка на волната и нејзиното користење за изработка на производи. Плетењето и везењето не се без традиција во регионот и тие можат да бидат почеток на мал семеен бизнис.

Угостителство

Тоа има свое место во општината, иако со скромни димензии. Сепак, малку села во Македонија имаат ресторан со бавчи со 400 столови, друг ресторан и неколку кафе-барови. Она што го пружаат овие ресторани е поволно и тие бараат повеќе гости и од околината. Затоа за нивниот развој е многу важно да се подобри вкупниот амбиент, хигиената и изгледот на селото да биде привлечен за гостите од Кочани и Виница. Тие мора да создадат слика на ресторани коишто нудат добра храна и убав амбиент и треба да се залагаат најмногу за еколошките услови во селото. Треба да се работи и на нивно обележување и реклама на нивните специјалитети.

Угостителството е најчесто поврзано со туризмот, иако не во класична форма. Тоа мора да организира претстави и настани со комерцијален карактер што ќе го зголемат и бројот на гостите. Така во бавчата може да се организираат гостувања или смотра на селски носии, атрактивни собири итн.

Туризам

Разни селски приредби со обичаи, фолклорот, околината со манастирите и реката Зрновка со својот кањон можат да бидат интересна туристичка атракција. Тие на почетокот можат да бидат предизвик и активност на еколошкото друштво "Јавор" или на други невладини организации. При поволни временски услови тие можат да организираат приредби (заедно со угостителските претпријатија) што ќе го привлечат вниманието на жителите.

Можат да се организираат туристички тури со гости (ученици од околината) што ќе вклучуваат посети на околните манастири, изворот на Зрновка, водениците, хидроцентралата. Овие туристички тури, ако се анимирани, можат да бидат и извор на приходи што треба да се вложуваат во изработка на туристички проспект.

Треба да се реставрираат и конзервираат повеќе куќи со оригиналната архитектура и во некоја од нив да се уреди туристичка соба во стариот традиционален амбиент (мебел, носии, стари предмети). Тоа е мал прилог кон зачувувањето на нашето природно и културно наследство, кое во Зрновци сe уште постои.

Околината со убавиот селски амбиент, чиста Зрновка со уреден кеј, може да биде интересно за посетители. Иако тоа ќе биде скромно тоа ќе направи жителите да се гордеат со селото и со своето природно и културно наследство.

Образование

Развојот и унапредувањето на образованието е важна компонента во создавањето на општите предуслови за квалитетен живот. Освен осумгодишното образование, постојното училиште може да биде место за многу образовни и општествени активности. Учениците што се во средното образование во Кочани можат да продолжат да бидат структура што ќе го збогатува образовниот и културниот живот на Зрновци.

Во Зрновци можат да се организираат курсеви и семинари за дообразување, за нови дејности, за занаети, како што се организираат во градовите од страна на работничките универзитети. Таквите курсеви можат да ги обучат жителите за одделни стопански активности, што ќе им помогне за определени дејности. Семинарите за користење компјутери, за еколошко образоваие итн. ќе им помогнат на младите подобро да се подготват за животот. Организирање предавања од разни области на образованието од страна на предавачи-гости може да биде драгоцено дополнение за сите жители.

Култура

Културните настани го збогатуваат животот на жителите по содржина и квалитет. Во иднина културата ќе биде важен сегмент за подобар и посреќен живот. Затоа е потребно да се даде значење на културните активности. Тие треба да ги задоволат потребите и вкусовите на жителите од традиционални селски собири во кои ќе се внесе фолклор и музика, до квалитетни кино-претстави, кои се повторно атрактивни за младите. Организирање културно-уметничко друштво може да предизвика интерес за фолклор, носии, сликарство, музички ансамбл итн. Зрновци, Мородвис и Видовишта имаат домови на културата; во Зрновци има кино-сала, спортска сала. Потребен е мал напор да се создадат комерцијални приредби и квалитетни културни настани за да оживее и да се одржува културниот живот.

Спорт

Спортските активности заедно со културните се најзначајната "споредна" активност на жителите. Покрај фудбалските натпревари постои интерес и за други спортови: мал фудбал, одбојка, кошарка, ракомет. Тие се негуваат во училиштето, но не се искористени сите можности. Постоењето на салата "Соколана" и фудбалското игралиште се добра основа за побогат спортски живот. Таму можат да се организираат и рекреативни спортски активности за жителите, како и за клубови од некој спорт за кој постои поголем интерес. На традиционалните собири во селото е добро да се организираат спортски приредби и турнири со учество на екипи од сите околни села.

Здраство и социјален живот

Здравствениот и социјалниот живот во селата е најчесто под потребниот минимум. Во Зрновци има амбуланта што дава квалитетна услуга, а покрај лекар со општа пракса, работи и стоматолог што се грижи за забоздравствената заштита. Потребно е тие да бидат подобро опремени, но сепак даваат можност за понатамошно унапредување на здравствената заштита.

Социјалниот живот во општината не е на високо ниво, што е резултат на општите прилики во Македонија. Како резултат на лошата материјална состојба и големата невработеност, можностите за социјална помош за невработените или за лицата со лоши материјални стандарди се мали. Затоа во идниот развој мора да се предвиди можност за помош на сиромашните, за старите осамени лица и за хендикепираните. Тие можат да се помагаат со донации од побогатите фирми или со доброволни прилози. Ваквиот однос може да даде резултат и во барање помош од соодветните фондови што се наменети за вакви случаи.

На социјалните и хуманите односи може многу позитивно да влијаат НВО. Освен еколошкото друштво "Јавор", би требало да се формираат и други НВО, посебно организација на жените, заради нивната поголема активност на планот на социјалната и хуманата заштита.

Во Зрновци мора да се создаде позитивна клима на помагање, толеранција и соживот. Тие принципи ќе ги водат жителите во побогат живот.


   

   
Нацрт визија до 2002
 
     
   
Зрновци во 2020 год. ќе биде општина која ќе се препознае по еколошки чиста и здрава средина, со сменет однос на луѓето кон животната средина при што истата ќе биде многу повеќе ценета и заштитена, и сето тоа преку елиминирање на загадувањето, повеќе пошумени подрачја, санација на дивите депонии, квалитетна вода за пиење, повеќе зелени површини каде луѓето ќе уживаат во убавините на природата.

Зрновци ќе биде место на здрава и чиста животна средина во кој секој негов жител ќе има можност да учи, работи, да биде почитуван, да ги гради и остварува своите соништа за благосостојба и просперитет на целата заедница.

Во својот досегашен развој општина Зрновци успеала да ги сочува сите свои вредности и да остане со свој идентитет. Таа ја сочувала својата природа, своето традиционално агро производство , но и својот фолклор, религија, традиции и другите хумани вредности.

Програмата за одржлив развој ќе ги поврзе сите сегменти на стопанскиот и општествениот живот, таа ќе го осмисли и ќе биде основа за побогат и посреќен живот во општина Зрновци. Тоа треба да значи дека ќе се обезбеди севкупен развој без нарушување на природните и културните вредности на просторот. Со развојот се очекува изградба на нови производствени капацитети, што значи нови работни места и подобар општествен стандард, кој ќе овозможи подобри животни услови за жителите. Подобрите материјални услови подразбираат поголема грижа за заштитата на животната средина, подобри урбано-комунални и општествени услови за живот.

Со идниот развој на општина Зрновци нема да се изгубат традиционалните вредности на луѓето и просторот. Идниот развој ќе ги збогати тие вредности. Ќе се подобрат еколошките вредности, ќе се збогати шумскиот фонд, ќе се подобри заштитата на животната средина и ќе се подобри комуналната инфраструктура. Поволниот развој ќе ги облагородува хуманите односи меѓу жителите и ќе ги истакнува способностите и човечките вредности.

Секој жител на општина Зрновци ќе се гордее што учествувал во процесот на развој за да општина Зрновци да стане пристојно место за живеење каде ќе се истакнуваат сите природни убавини, посебно реката Зрновка, богато културно-историско минато со целиот свој оригинален етнос, како и убавите урбанистички решенија. Секој турист и посетител кој ќе дојде, општината Зрновци ќе му остави примамлив впечаток и сигурно ќе посака да дојде и пак да ја види општината Зрновци.

Општината Зрновци ќе се гордее со сите свои вредности: природните, стопанските, културно-историските, спортските, урбаните, како и високиот стандард на секој негов жител. Жителите со право ќе мислат дека општината Зрновци го има најдоброто, а што ќе биде добра основа за нивниот живот во една Трајна заедница.

Нацрт визијата е изработена користејќи ги резултатите од одржаниот јавен собир на тема "Одржлив развој на општина Зрновци" и спроведената анкета на 300 граѓани од општина Зрновци на тема "Креирање на визијата на општина Зрновци"

   

 

 
Copyrights® 2003 - Zrnovci, All rights reserverd / Developed by MediaNet